За платформата

Платформата"Наш град, наша сцена" е дел од истоиментиот регионален проект којшто има за цел да ги повика, информира и стимулира граѓаните од регионот да заземат одговорен и кретивен однос кон отворените јавни простори во својот град.

Веруваме дека нашите јавни простори можат да бидат подобри само кога заедно со пријателите, соработниците и сограѓаните бараме решенија за конкретни проблеми, уважувајќи ги притоа потребите на сите корисници. Понекогаш за тие промени ни недостасува само малку поддршка, информации, знаење или средства.

Одтука, целта на оваа платформа е да обезбеди простор за полесно и ефикасно поврзување, стручна поддршка, материјална помош и подобра видливост на акции и иницијативи кои го унапредуваат и го чинат достапен јавниот простор во соседството, градот, и регионот.

Да бидеме дел од решението, не од проблемот!

Како да покренеш иницијатива ?

Доколку сакаш да влијаеш на позитивните промени во твоето опкружување преку покренување на конкретна и креативна акција на терен, тогаш си на правото место!
На оваа платформа можеш:

  • да покренеш иницијатива за креативно уредување, освежување или активирање на просторот,
  • да пронајдеш истомисленици за реализација на идејата и да добиеш поддршка, или
  • да се приклучиш и да го дадеш твојот глас за иницијатива што некој веќе ја покренал

На тој начин даваш свој придонес за ТВОЈОТ ГРАД да биде ТВОЈА СЦЕНА -попријатна и достапна за сите!

Платформата ќе ја зголеми можноста за остварување на ваквите иницијативи преку поврзување и помош од креативци и практичари, уметници и архитекти, соработка со општествено одговорни компании и локалните власти.

Какви ИНИЦИЈАТИВИ ќе поддржиме

Сакаме заедно со вас да придонесеме за обликување на градските пејсажи преку поддршка и промоција на иницијативи коишто вклучуваат уметнички проекти, креативни интервенции, активирање на просторот низ игра и перформанси, осликување на мурали, поправка или поставување на урбана опрема, озеленување на просторот и други слични интервенции со кои ќе се внесат оптимизам и нови вредности во нашето непосредно опкружување.

Ограничените финансиски средства ни овозможуваат материјално да поддржиме реализација на лимитиран број интервенции. Предност ќе имаат иницијативите кои јасно демонстрираат дека се од корист за заедницата, и притоа

  • иницијаторот и корисниците на просторот се вклучени во реализација на интервенцијата
  • иницијативата има освоено повеќе од 20 гласови на оваа платформа

Доколку навистина сакаш да поднесеш иницијатива, поврзи се со истомисленици, процени го времето и енергијата што групата може да ги вложи во планирање и реализација на иницијатата. Тргни во акција!